Деновите на правото на Југоисточна Европа одржани во Белград

Настанот Денови на правото на Југоисточна Европа  се одржа во хотелот Метропол Палас во Белград, од 27 до 28-ми мај. Станува збор за единствен дводневен настан на кој се собраа истакнати правни експерти од Југоисточна Европа со цел да развијат дискусија и да споделат релевантни пракси и знаења.

За време на дводневниот настан студенти по право, активисти од невладини организации и други посетители кои се интересираат за областа на правото и човековите права имаа можност да истражат 40 различни изложби и да присуствуваат на 6 различни панел дискусии.

Една од панел дискусиите се однесуваше на Европската конвенција за човекови права и нејзината примена. Дискусијата под наслов “Имплементација на Европската конвенција за човекови права и начелото на праведно судење пред националните судови” беше одржана првиот ден од настанот.

Панелистите објаснија дека постојаната работа на правниците влијае врз свеста на националните судии за начелата содржани во Европската конвенција за човекови права (“Конвенцијата”) и ги поттикнува да ги темелат своите судски одлуки на Конвенцијата. Тие го истакнаа влијанието на Конвенцијата врз усогласувањето на праксите во земјите со слични правни традиции и слични правни проблеми.

Панелистите го истакнаа зголемениот број на одбиени жалби како растечки проблем во праксата на Европскиот суд за човекови права.

Тие, исто така, ги потсетија учесниците на познатите предмети на Европскиот суд за случаи на човекови права, како што е предметот со исчезнатите бебиња во Србија “Зорица Јовановиќ против Србија (жалба бр.21794/08)”, предметот Сејдиќ-Финци против Босна и Херцеговина (27996/06 и 34836/06), како и предметот поврзан со старото девизно штедење Елитиќ против Босна и Херцеговина (жалба бр. 41183/02). Една од темите беше и едукацијата на студентите и воведувањето на предметот “Човекови права” како задолжителен предмет на правните факултети. Во овој контекст, претставниците на Советот на Европа ја презентираа својата платформа насловена како HELP, која нуди разни курсеви од областа на човековите права на интернет, достапни за сите заинтересирани за оваа област.

Панелисти беа:

  • Милан Антонијевиќ, Извршен директор, Фондација Отворено општество
  • Татјана Папиќ, вонреден професор, Правен факултет, Универзитет Унион
  • Елма Веледар-Арифагиќ, адвокат и консултант на центарот AIRE
  • Никола Ковачевиќ, Правник за стратешко застапување, Белградски центар за човекови права
  • Маја Мичиќ Лазовиќ, Виш проектен службеник, Одделение за национална имплементација на човековите права, Совет на Европаи

модератор – Горан Милетиќ, директор за Европа, Бранители на граѓанските права (Civil Rights Defenders).

Подетални информации за платформата HELP и курсевите на интернет можете да најдете на следниот линк:http://help.elearning.ext.coe.int/