2016

Трет регионален форум за владеење на правото во Југоисточна Европа

18 И 19 МАРТ 2016 – САРАЕВО

Tретиот форум беше посветен на критериумот за независност и непристрасност на судството според член 6 од ЕКЧП, со кој се гарантира правото на правично судење. Клучните прашања опфатени на форумот се однесуваа на: независноста на судството од извршната власт, законодавниот дом и политичките партии, начинот на назначување судии и гаранциите со кои се оневозможуваат надворешни притисоци. Понатаму, беше истакната важноста на непристрасноста – која всушност значи отсуство на предрасуди или пристрасност.


Извештај

Третиот регионален форум за владеење на правото во Југоисточна Европа се одржа на 18 и 19 март 2016 година во Сараево, Босна и Херцеговина, во старото Градско собрание на Сараево. Овој годишен форум, воспоставен од центарот AIRE и Civil Rights Defenders во март 2014 година, е местото каде се сретнуваат високи претставници од највисоките судови, институции и невладини организации од целиот регион. Целта е да се поттикне регионалната соработка во зајакнувањето на владеењето на правото и почитувањето на човековите права, и да им се помогне на земјите од Југоисточна Европа во процесот на интеграција во ЕУ. Форумот сега е на добар пат да прерасне во клучен годишен настан посветен на владеењето на правото во регионот, овозможувајќи им на лидерите на судските и правните институции да ги споделат своите искуства и да учат едни од други, со цел да се промовира еден повисок степен на почитување на човековите права, повисоки стандарди во спроведувањето на Европската конвенција за човекови права и побрза европска интеграција. Овогодинешниот форум беше организиран со поддршка на Министерството за надворешни работи и Комонвелт на Обединетото Кралство, Владата на Шведска, Советот за регионална соработка и Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ). Tретиот форум беше посветен на критериумот за независност и непристрасност на судството според член 6 од ЕКЧП, со кој се гарантира правото на правично судење. На форумот беа претставени над 120 учесници од Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија. Учесниците од овие земји вклучуваа судии на Европскиот суд за човекови права, претседатели и судии на националните врховни и уставни судови, претседатели и претставници на судските совети, директори на академиите и институциите за обука во судството од Југоисточна Европа, владини агенти пред ЕСЧП, претставници на невладините организации и истакнати правни експерти. Беше тоа ден и пол исполнет со панел дискусии, интерактивни работни групи и семинари, во чии рамки учесниците добија можност да се сретнат и да дадат свој придонес.