Првото барање за советодавно мислење пред Европскиот суд за човекови права според Протоколот 16

На 16 октомври 2018 година, Судот доби барање за советодавно мислење од страна на Касациониот суд на Франција. Ова е првото барање што го има добиено Судот од стапувањето на сила на Протоколот бр. 16 од Европската конвенција за човекови права на 1 август 2018 година.

Овој Протокол им овозможува на највисоките судови и трибунали, како што е наведено од страна на земјите-членки кои го ратификуваа овој текст, да побараат од Судот советодавни мислења за принципиелните прашања во врска со толкувањето или примената на правата и слободите дефинирани во Конвенцијата или нејзините протоколи. Советодавно мислење може да се побара само во контекст на актуелен предмет пред суд на национално ниво.

Дали ќе се прифати или одбие барањето дискреционо одлучува Судот. Судски совет од пет судии одлучува дали ќе го прифати барањето, а доколку истото се одбива, дава образложение за тоа. Советодавните мислења, дадени од Големиот судски совет, ќе содржат образложенија и нема да бидат обврзувачки. Тие ќе бидат објавени и доставени до судот или трибунарот што го поднел барањето и до релевантната висока договорна страна. Судиите ќе имаат право и на издвоено мислење. Целта на Протоколот бр. 16 е да се зајакне интеракцијата помеѓу Судот и националните власти и со тоа да се зајакне спроведувањето на правата и слободите содржани во Конвенцијата од страна на судот кој го поднел барањето во решавањето на предметот За кои станува збор.

Касациониот суд на Франција во својата пресуда од 5 октомври 2018 година одлучил да поднесе до Европскиот суд за човекови права барање за советодавно мислење во врска со следното: Дали одбивањето да се регистрира раѓањето на дете родено во странство од сурогат мајката го пречекорува полето на слободна проценка (маргината на проценка) според членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи? Касациониот суд ја одложи постапката додека Судот не го даде своето мислење.

Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права