Непочитување на правото на презумпција на невиност во медиумите

Европскиот суд за човекови права едногласно одлучи дека дошло до прекршување и повреда на Европската конвенција за човекови права во случајот Масларова против Бугарија (претставка бр. 2966/10, 31.01.2019 година).

Случајот се однесувал на жалба поднесена од г-ѓа Масларова, која била Министерка за труд и политика на вработување од 2005 до 2009 година, против непочитувањето на нејзиното право на презумпција на невиност поради забелешките на одредени политички и судски личности, кои биле објавени и во печатот, во врска со кривичната постапка против неа за проневера на јавни средства.

Жалителката била обвинета за проневера на вкупно 5.643.847,13 евра (ЕУР) за себе и двајца претпоставени соучесници. Весникот „24 часа“ објавил статија во која премиерот изјавил дека е уверен дека ќе се докаже дека обвиненијата против г-ѓа Масларова се вистинити. Покрај тоа, весникот „Политика“ објавил интервју со пратеник во Националното собрание, во кое тој изјавил дека тоа е типичен пример на корупција.

Врз основа на член 6 став. 2 (презумпција на невиност) и член 13 (право на делотворен правен лек), г-ѓа Масларова тврди дека Јавниот обвинител, портпаролот на Јавното обвинителство, Премиерот и собранискиот пратеник го прекршиле нејзиното право на претпоставка на невиност и дека не постоел делотворен домашен правен лек со кој и се овозможува да поднесе тужба за таа цел.

Кога станува збор за барањето на Јавниот обвинител од 5 ноември 2009 година, во кое тој побарал одземање на имунитетот на г-ѓа Масларова со одлука на Собранието, со цел да се овозможи започнување на кривичната постапка за кривичните дела за кои е обвинета, тоа барање било испратено до Националното собрание преку официјални канали, а не преку медиумите. Според тоа, ЕСЧП смета дека барањето на Јавниот обвинител не претставува повреда на правото на презумпција на невиност.

Што се однесува до наводните изјави на Премиерот, г-ѓа Масларова се повикува на еден напис објавен во дневниот весник „24 часа“ за кривичната постапка против неа. Судот заклучи дека изјавата против која се жали г-ѓа Масларова била само толкување на статијата на авторот на написот на изјавите кои му се припишуваат на Премиерот. Според тоа, ЕСЧП смета дека не може да се утврди дека наводите што авторот му ги припишува на Премиерот се навистина изјави на Премиерот. Според тоа, овој приговор е неоснован.

Судот особено утврди дека забелешките на портпаролот на Канцеларијата на јавниот обвинител за време на прес конференција за постапката за која станува збор, како и оние на пратеникот, кој воедно бил и Заменик претседател на ад хок парламентарната комисија за истрага за трошоците на претходната влада, го прекршиле правото на г-ѓа Масларова на претпоставка на невиност, бидејќи отишле подалеку од чисто пренесување на информации.

Судот, исто така, утврди дека ниту еден од правните лекови што ги предложила Владата не можел да претставува домашен правен лек кој би бил доволно делотворен во конкретниот случај. Оттука, Судот утврди дека бугарската влада не успеала да го оспори аргументот на г-ѓа Масларова дека немала на располагање никакви домашни правни лекови со кои би се потврдило нејзиното право на презумпција на невиност. Според тоа, дошло до повреда на член 6 став 2 и член 13.

Преземено од официјалната веб страна на Европскиот суд за човекови права