Примената на исламскиот закон во спор за наследување спротивно на волјата на оставителот и наследникот доведе до кршење на Конвенцијата

Европскиот суд за човекови права утврди дека имало повреда на членот 14 од Конвенцијата (забрана на дискриминација) во врска со член 1 од Протоколот број 1 (заштита на имот) во предметот на Мола Сали (Molla Sali) против Грција (жалба бр.20452 / 14).

Предметот се однесуваше на примената на исламското верско право (шеријат) од страна на домашните судови во спор за наследување помеѓу грчки државјани-припадници на муслиманското малцинство, спротивно на волјата на оставителот (грчки државјанин, припадник на муслиманското малцинство, починатиот сопруг на г-ѓа Мола Сали  (Molla Sali)), кој целиот свој имот ú го оставил на сопругата во тестамент изготвен во согласност со грчкото граѓанско право.

Судовите сметале дека тестаментот нема правно дејство бидејќи во овој предмет е применливо исламското наследно право. Тие пресудиле дека во Грција ова право посебно се однесува на Грците од муслиманска вера.

Г-ѓа Мола Сали (Molla Sali), која била лишена од три четвртини од своето наследство, сметаше дека кон неа се постапувало поинаку поради нејзината религија; со други зборови, доколку нејзиниот сопруг не бил од муслиманска вера, таа би го наследилa целиот имот.

Судот особено утврди дека разликата во постапувањето кон г-ѓа Мола Сали (Molla Sali) како наследник во тестамент изготвен во согласност со Граѓанскиот законик, во кој оставителот е грчки државјанин од муслиманска вероисповест, во споредба со наследник во тестамент изготвен во согласност со Граѓанскиот законик, во кој оставителот е грчки државјанин од немуслиманска вероисповест, не била објективно и разумно оправдана. Судот, меѓу другото, посочи дека начелото на верска слобода не бара од државите-договорни страни да создадат посебна законска рамка со цел да им се даде на религиозните заедници посебен статус со специфични привилегии. Сепак, државата која обезбедила таков статус морала, исто така, да гарантира дека критериумите утврдени за правата на одредена група се применуваат на недискриминаторски начин. Оттука, постои повреда на членот 14 од Конвенцијата во врска со член 1 од Протоколот број 1 од Конвенцијата.

Преземено од официјалниот веб сајт на Европскиот суд за човекови права