Повлекувањето на лиценца преку ретроактивна примена на нов закон доведе до повреда на правото на сопственост

Европскиот суд за човекови права одлучи, со четири гласа наспроти три, дека не дошло до кршење на член 7 (нема казна без закон) од Европската конвенција за човекови права, и одлучи едногласно дека дошло до кршење на член 1 од Протоколот бр. 1 (заштита на сопственоста) од Европската конвенција во предметот на Рола против Словенија (жалба бр. 12096/14).

Предметот се однесуваше на жалбата на еден ликвидатор кој ја загубил лиценцата за работа во стечајната постапка откако бил осуден за насилно однесување. Жалителот тврдеше дека во времето кога му била доделена лиценцата, законот не предвидувал одземање на дозволата за сторено кривично дело. Тој истакна дека одземањето на неговата лиценца е засновано на нов закон воведен во 2008 година, така што во времето кога го сторил кривичното дело тој не можел да предвиди таква санкција, како и дека новиот закон не треба да се применува ретроактивно.

ЕСЧП утврди дека укинувањето на лиценцата на г-дин Рола не претставувало кривична казна (санкција). Според тоа, членот 7 од Конвенцијата не бил применлив во неговиот предмет и, оттаму, не дошло до повреда на тој член од Конвенцијата. Сепак, одземањето на лиценцата претставувало мешање во неговото мирно уживање на имот бидејќи повеќе не било дозволено да се занимава со својата професија, а негов главен извор на приход произлегувал од истата. Покрај тоа, ова мешање не било во согласност со закон.

Таквото мешање било направено брз основа на закон кој не бил во сила во моментот кога г-дин Рола го извршил кривичното дело и затоа не можел разумно да предвиди дека  пресудата автоматски ќе доведе до одземање на неговата лиценца. Покрај тоа, законот кој требало да се примени експлицитно предвидел дека таквата мерка не може да се изрече ако, како и во случајот на г-дин Роле, кривичното дело резултирало само со условна казна.

Преземено од официјалниот вебсајт на Европскиот суд за човекови права