Одлука за недопуштеност на жалбата во предмет кој се однесува на донесување на решение за отказ врз основа на докази од приватната комуникација на вработениот

Европскиот суд за човекови права (“ЕСЧП”) едногласно донесе одлука за недопуштеност на жалбата во предметот на Гарамуканва против Обединетото Кралство (бр. 70573/17 од 06.06.2019 година).

Предметот се однесува на престанокот на работниот однос на жалителот Џорџ Гарамуканва во јавна здравствена установа по истрагата за вознемирување врз основа на фотографии кои биле зачувани на неговиот мобилен телефон iPhone, е-маил пораки и кореспонденцијата преку WhatsApp. Жалителот бил вработен во Националната здравствена служба (“Служба”) од октомври 2007 година како раководител на клиника.

Во јуни 2012 година, Л.М., колешка со која бил во врска, изразила загриженост пред својот надлежниот раководител во врска со мејловите што ги испратил до неа и другите вработени за нејзината наводна врска со помлад вработен во Службата. Раководителот го предупредил жалителот дека неговото однесување е несоодветно. Жалителот подоцна бил суспендиран во април 2013 година, кога полицијата ја известила Службата дека ги испитува наводите на Л.М. дека жалителот ја следел и вознемирувал, а испраќал и анонимни злонамерни пораки до вработените во Службата.

Во декември 2013 година, жалителот добил отказ од Службата заради извршување на груб прекршок. Службата во таа пригода посебно се повикала на фотографиите зачувани на неговиот iPhone, кои им ги доставила полицијата, поврзувајќи го со одредени анонимни мејлови, како и со приватните мејлови и пораките на WhatsApp пораки кои биле разменети помеѓу жалителот и другите вработени. На една од дисциплинските расправи, жалителот доброволно обезбедил увид во некои од горенаведените електронски комуникации.

Жалителот го оспорил отказот пред суд, тврдејќи дека Службата се потпирала на приватен материјал при донесувањето на одлуката за престанок на работниот однос на жалителот. Неговата жалба конечно била отфрлена во 2016 година во жалбена постапка. Националните судови утврдиле дека тој не можел разумно да очекува дека доказите врз кои ќе се потпира Службата во своето одлучување ќе бидат приватни.

Повикувајќи се на член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот, домот и преписката), жалителот тврдел дека одлуките на домашните судови со кои се потврдува решението за отказ претставувале повреда на неговото право на приватност.

ЕСЧП утврди дека жалителот не можел разумно да очекува дека фотографиите и приватната комуникација на кои се засновала одлуката на Дисциплинската комисија ќе останат приватни. ЕСЧП посочил дека работодавачот веќе му предочил на жалителот дека неговото однесување е несоодветно, и тоа речиси една година пред полицијата да отпочне истрага за пријавата за вознемирување и одлуката за суспендирање на жалителот од неговото работно место. Жалителот, исто така, не се обидел да ја оспори употребата на комуникацијата зачувана на iPhone-от или било која друга приватна комуникација за време на дисциплинска расправа. Напротив, тој доброволно обезбедил увид во одредена приватна комуникација.

Имајќи предвид дека националните судови дошле до истиот заклучок, ЕСЧП утврди дека жалителот не дал сериозни причини да се докаже поинаку и затоа пдонел одлука дека жалбата била недопуштена.

ЕСЧП исто така, истакна дека овој предмет може да се разликува од неодамнешниот предмет кој се однесува на приватноста на комуникацијата на работното место, Барбулеску против Романија (бр. 61496/08), каде што ЕСЧП утврди дека работникот не бил информиран за степенот и природата на надзор на работодавачот над неговата комуникација.

Преземено од официјалниот вебсајт на Европскиот суд за човекови права