Извештај на Европската комисија за превенција на мачење и нехуман или понижувачки третман или казнување (КПТ) за физичко злоставување на притворени лица во Србија

Европската комисија за превенција на мачење и нехуман или понижувачки третман или казнување (КПТ), на 21 јуни 2018 година објави извештај за својата ад хок посета на Србија, којашто се одржала од 31 мај до 7 јуни 2017 година. КПТ го објави и одговорот на Владата на Србија.

Извештајот нагласува дека делегација на КПТ добила значаен број наводи за физичко злоставување на притворени лица од страна на полициски службеници, особено во поголемите градски средини (како што се Белград, Ниш и Нови Сад). Несоодветното постапување наводно се состоело од шамари, удари со рака и нога, удари со службена палка, удари со различни нестандардни предмети (како палка за безбол), како и неколку тврдења на осомничени за кривични дела дека биле изложени на шокови со рачни електрични апарати за време на апсењето или во тек на притворот.

Извештајот наведува дека органите на Република Србија мора да го прифатат фактот дека несоодветното постапување на полициските службеници е присутно; тоа не е исклучок, туку прифатена пракса во сегашната полициска култура, особено помеѓу инспекторите за криминалистика.

Во деветте посетени единици за притвор, преоптовареноста на капацитетите за сместување и натаму претставува проблем. Ситуацијата ја влошил фактот што притворениците се затворени во своите ќелии во траење од 22 или повеќе часови дневно, во текот на повеќе месеци, без пристап до целисходни активности и со бројни правосудни ограничувања коишто ги одредиле судиите на претходна постапка. КПТ смета дека таквиот режим е реликт на минатото и им препорачува на српските власти да осмислат и спроведат сеопфатен режим на активности за притворениците, надвор од ќелиите.

Извештајот можете да го прочитате на следниот линк: https://rm.coe.int/16808b5ee8, а одговорот на Владата на Србија овде: https://rm.coe.int/16808b5eeb.